
Одиграни се сите натпревари од регуларниот дел во најсилната кошаркарска лига во светот - НБА лигата и познати се сите парови од плеј-офот и кошаркарите кои ги понесоа титулите во индивидуалните категории, како оние за најдобар стрелец, скокач, асистент.
Бранителот на титулата Лос Анџелес Лејкерс патот кон одбрана на шампионскиот трофеј ќе го започне од челната позиција во Западната Конференција, а во првиот круг силите ќе ги одмери со Оклахома. Останатите парови во Западната Конференција ги чинат Далас и Сан Антонио, Феникс и Портланд, и Денвер и Јута.
Најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната Кливленд Кавалерс во првиот круг ќе заигра против Чикаго. Минатогодишниот финалист Орландо силите ќе ги омери со Шарлот, Атланта со Милвоки, а Бостон со Мајами.
Епитетот најдобар стрелец го понесе 21-годишниот Кевин Дурант (Оклахома Сити) со 30.1 кош во просек и така стана најмладиот најдобар стрелец во историјата на НБА лигата.
Дурант зад себе ги остави ЛеБрон Џејмс (Кливленд, 29.7 поени), Кармело Ентони (Денвер, 28.2 поени), Коби Брајант (ЛА Лејкерс, 27.0 поени), и Двејн Вејд (Мајами, 26.6 поени).
Најдобар скокач во лигата е центарот на Орландо Двајт Хауард кој просечно фаќаше по 13.2 топки под обрачите, а зад него останаа Маркус Кемби (Портланд, 11.8 скокови), Дејвид Ли (Њу Јорк, 11.7 скокови), Зек Рандолф (Мемфис, 11.7 скокови) и Карлос Бузер (Јута, 11.2 скокови).
Најдобар асистент во регуларниот дел од сезоната е Стив Неш со 11 додавање за кош во просек, а зад него се пласира Крис Пол (Њу Орлеанс, 10.7 асистенции), Дерон Вилијамс (Јута, 10.6 асистенции), Рајон Рондо (Бостон, 9.7 асистенции) и Џејсон Кид (Далас, 9.1 асистенции).
Најдобар блокер на лигата стана Двајт Хауард со 2.8 блокади по натпревар, а најдобар „крадец“ на топките Рајон Рондо со 2.35 украдени топки по натпревар.
| Случајни вести | |